ВМРО НП од Охрид денеска за медиумите одржа прес конференција на која стана збор за состојбите со високиот водостој на Охридското Езеро.
На средбата оваа пратеничка група укажа на опасноста дека ваквиот водостој на езерото уште повеќе ќе се зголемува и дека последиците од ваквата ситуација би биле катастрофални за Охрид и регионот.
Како што истакна советникот од оваа партија Владо Цветкоски ваквата денешна состојба не се должи само на обилните дождови и снегови туку и заради несоодветното управување со водостојот на Охридското езеро како хидроакумулација од страна на ЕЛЕМ. Последиците од ваквото лошо менаџирање со езерото се очигледни и може да се видат на секој чекор,нагласи Цветкоски.
- Не е доволно ние како граѓани да си ги измируваме обврските спрема ЕВН а со тоа и спрема ЕЛЕМ, туку и повратно ЕЛЕМ од своја страна треба домаќински и одговорно да стопанисува со државното богатство кое им е отстапено на користење, рече советникот Цветкоски. Тој додаде дека должноста на ЕЛЕМ а и на владата на Р.Македонија е превентивно да ги чистат и одржуваат речните корита на Црни Дрим и Сатеска, но и на другите реки во ова сливно подрачје.
Советничката група на ВМРО НП на наредната седница на Советот на општината ќе иницира дополнување на дневниот ред со точката која ќе се однесува на разгледување на новонастаната состојба со високиот водостој на Охридското езеро.
- Целта ќе ни биде да се донесат предлог мерки и заклучоци со кои ќе се ублажи новонастаната ситуација бидејќи досегашните преземени мерки во никој случај не одговараат на вистинските потреби,рече Јоне Станкоски советникот од ВМРО НП.
















