Една од најголемите атлетски легенди, Украинецот Сергеј Бубка, поранешен олимписки шампион и светски рекордер ќе дојде во Охрид во мај годинава. Тој ќе присуствува како промотор на атлетскиот митинг кој од 12 до 19 мај ќе се одржи на охридското крајбрежје, а во употреба ќе биде пуштена и новата атлетска патека на стадионот „Билјанини извори".
Поранешниот олимписки првак и актуелен светски рекордер во дисциплината скок со стап Украинецот Сергеј Бубка, потврди дека ќе присуствува во Охрид за време на атлетската недела, која ќе се одржи од 12 до 19 мај. „ Особена чест и задоволство ми е што ќе дојдам во Охрид на промоцијата на митингот и промоцијата на атлетиката во Македонија " - напишал Бубка во писмото до Атлетската федерација на Македонија.
Бубка е едно од најзвучните атлетски имиња, кој 17 пати го поправал светскиот рекорд на отворено и 18 пати во сала, прв што ја прескокнал магичната граница од шест метри, а единствен кој има прескокнато 6,10 и 6.15 метри. Олимписки шампион беше во 1988 година во Сеул, како дел од тогашен СССР, а светски првак шестпати од 1983 до 1997 година. Во Украина беше прогласен за херој, а моментно е претседател на Украинскиот олимписки комитет и е член на извршниот комитет на ИОК.
Кон крајот на март луѓе од италијанската фирма „МОНДО" ќе допатуваат во Охрид, за да ја обележат новата тартан-патека, а за средината на април најавена е посета на Македонија од претседателот на Европската атлетска федерација, Швајцарецот Хансјорг Вирц.
















